
Саат кула – Битола
Период: XIX век
Локација: Градски парк, Битола
Саат-кулата во Битола е времемерно здание во градот Битола и една од најпознатите негови знаменитости. Во историските записи за Битола, саат-кулата се спомнува уште во 1664 година, но не може со сигурност да се каже дали се работи за денешната саат-кула. Многумина веруваат дека е изградена во исто време со црквата „Св. Димитрија Солунски“, поточно во 1830 година.
Саат-кулата за многумина претстава еден од најважните симболи на градот Битола. Сместена е во Градскиот парк, во срцето на Битола, на просторот помеѓу црквата „Св. Димитрија“ и Јени-џамијата, на некогашниот „Пекмез-пазар“.
Кулата има основа во облик на квадрат, со страни од по 5,8 метри и во нејзе се влегува од северна страна. Висока е околу 32 метри. Внатре постојат спирални скали со кои се стигнува до горниот крај на кулата. На врвот на кулата се наоѓаат тераси со ковани огради, а на сите страни на терасите се наоѓаат конструкции коишто држат светилки со помош на што целата кула и нејзиниот часовник се видливи и ноќе. Часовникот се наоѓа на најгорното од трите нивоа.
Според легендата, кулата е изградена кога отоманските власти во градот, односно Турците, поминале по сите околни села и собрале околу 60.000 јајца од коишто направиле малтер. Од смесата измешана со камења ја изградиле кулата чии цврсти ѕидови стојат и денес неоштетени.
До 1912 Саат кулата го мерела времето според “А ла турка”, а потоа со модерното мерење на времето „А ла франга“. Нов бројчаник и саатен механизам изработен од германското претпријатие „Конфаге“ бил поставен во 1927 година, со што лицата задолжени да ги удираат камбаните биле заменети од саатџиите, кои го одржувале часовникот и неговиот механизам. „Конфаге“ бројчаникот бил бел со црни броеви и стрелки и со помал пречник од бројчаникот што е поставен сега.
Овој часовник е заменет во 1936 година пред започнувањето на Втората светска војна со понов и многу попрецизен часовник. Новиот часовник го купиле Германците во знак на благодарност на граѓаните за германските гробишта коишто ги подигнале за жртвите од конфликтот во Битола, заедно со англиските и француските гробишта за време на Првата светска војна. Тогаш бил заменет часовничкиот механизам, а биле поставени и 15 ѕвона, тешки 900 килограми. Механизмот е обновен во 1962 година, а во 1970 година била поставена и клавијатура за изведба на нови композиции.
Саат-кулата во Битола ја доби највисоката верификација и се вбројува во редот на културни добра со најголема културно-општествена важност на градот. Владата, на седницата одржана на 11 јули 2023, донесе одлука за прогласување на Саат-кулата за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење.