
Саат кула – Кратово
Саат-кула во Кратово е една од шесте кули кои останале од средновековниот и турскиот период на градот. Се претпоставува дека е изградена во доцниот среден век (веројатно во 1372 г.)
Кулата е ѕидана од клесан камен, којшто се вадел од околината на градот, а покривот е од камени плочи. Внатрешноста на кулите е поделена на 3 ката, од кои горните се со по еден балкон и одделенија за живеење. Прозорците се заштитени со железни решеткии и се со различни димензии, во долниот дел тие се потесни и издолжени, додека на погорните катови се пошироки.
Во 2004 година со средства на Министерството за култура, кулата за првпат е делумно санирана, реконструирана и преуредена со мали поставки кои се наоѓаат на првиот и вториот кат, додека на третиот кат посетителите можат да одморат во удобна атмосфера гледајќи низ прозорците или од балконот кон средновековното Кратово.