
Саат кула – Скопје
Саат-кулата во Скопје е шестокатна саат-кула, која се наоѓа северно од, но во склоп на Султан-муратовата џамија. Подигната е во периодот од 1566 до 1572 година. Таа била првата саат-кула на територијата на Османлиската држава.
Според сознанијата, кулата била изградена во периодот од 1566 до 1572 година, а часовникот бил донесен од освоениот унгарски град Сигет. Нејзиниот долен ѕидан дел, всушност, е остаток од една од четирите кули во составот на бедемите кои го заштитувале манастирот „Св. Ѓорѓи Скоропостижник“. Во палежот на градот и големиот пожар од 1689 година, кулата претрпела голема штета, но сепак останала во првобитниот облик сè до 1904 година, кога по наредба на валијата Хафиз-паша била преуредена и го добила денешниот облик и висина од 37 метри. За време на земјотресот во 1963 г., на саат-кулата ѝ биле нанесени големи штети и притоа бил изгубен часовниот механизам. Подоцна, градбата на саат-кулата била обновена, но без нејзиниот часовен механизам. Новите часовници на кулата биле додадени на 26 мај 2008 година, во рамките на проектот на Општина Чаир за нејзина реконструкција.